Со африкански ритми и светска музика започна јубилејното 25. издание на „Оффест“

Со концерт во Националната опера и балет синоќа свечено беше отворено јубилејното 25. издание на „Оффест“, фестивалот на музиката од светот, кој до 6 јуни ќе донесе осум концерти и филмска проекција во Скопје.

Фестивалската програма започна со настапот на Ласана Диабате, виртуоз на балафон и дел од проектот „Гитарски разговори“ (Guitari Baro), кој ги обединува музичарите Гаусоу Кујате, Керфала Диабате и Ласана Диабате. Иако останатите двајца музичари не допатуваа во Скопје, публиката имаше можност да ужива во мајсторството на Диабате и музиката од нивниот деби албум „Guitari Baro“.

Вечерта продолжи со настапот на јужноафриканската група BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness), добро позната на оффестовската публика. Бендот се врати на фестивалот по две години пауза, промовирајќи го својот петти студиски албум „The Road is Never Easy“. Познати по експлозивната комбинација на африкански ритми, психоделични грувови, хип-хоп и панк-рок енергија, членовите на BCUC и по повеќе од две децении на сцената продолжуваат да ја носат истата бунтовничка и активистичка порака што ги направи препознатливи низ светот.