Со 2450 евра казнет операторот со храна за најдените бактерии во мусаката во училиштето во Карпош

Парична казна од вкупно 2.450 евра доби операторот со храна, откако голем број на ученици во скопското основно училиште „Димо Хаџи Димов“ пројавија симптоми на труење, а дел завршија и во болница.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство исто така соопштија дека по вонредните контроли кои ги направија во девет други училишта во Карпош, каде стопанисува истата фирма, утврдено е присуство на бактеријата ешерихија коли во намаз за што е наредено да се исфрли од употреба.

АХВ

- На операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли, изречени му се две парични казни по 900 евра во денарска противвредност ( 600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа ( немање на топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност.

Во меѓувреме вработените во кујната се упатени на вонредни здравствени санитарни прегледи, а кујната ќе остане затворена се до добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста...

Претходно анализите во Инситутот за јавно здравје открија бактерија на три чешми во училиштето Димо Хаџи Димов, две во училниците и една во кујната, а бактерија беше пронајдена и во мусаката од кујната, која укажува на нехигиена.

По наредба на санитарниот инспекторат, викендов беше извршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација во училиштето „Димо Хаџи Димов“. По инцидентот дел од родителите побараа јасен план кој ќе обезбеди редовен и засилен санитарен надзор, строга контрола, врз операторот кој ја подготвува храната како и гаранција дека сите ризици по здравјето на децата се елиминирани.