Смилевски нов обвинител за „Талир“: Ако дојде Груевски има право на повторено судење
Доколку Никола Груевски го помине прагот на Кривичниот суд, ќе добие можност за повторено судење. Обвинителот Кристијан Смилевски од скопското јавно обвинителство ги презеде случаите Талир 1 и Талир 2, откако обвинителката Ленче Ристоска остана без овластувања по што си поднесе оставака. Смилевски вели правните процедури се јазни.
Кристијан Смилевски-обвинител
„Секој има право на судење во присуство. Доколку стане достапен обвинетиот Груевски постапката исто како и по поднесено барање за повторување на постапката ќе почне одново. Меѓутоа тоа зависно колку ќе остане рокот за застареност, бидејќи има една година откако ќе дознае да поднесе барање за повторување на постапката, дали ќе стане достапен-не знаеме. Ако стане достапен во текот на постапката или ако поднесе барање за повторување на постапката, истата ќе почне одново.“
Обвинителот Смилевски вели дека е подготвен пред секој предизвик и посочи дека имал доволно време за да го проучи предметот кој го презеде од неговата колешка. Денешното рочиште се одложи, но Смилевски уверува дека предметот во Кривичниот суд ќе се заврши пред да застари истиот.
Кристијан Смилевски-обвинител
„Застареноста на кривичното гонење не зависи од вољата на обвинителот или на судот, но сигурен сум дека успешно ќе ја завршиме постапката пред да настапат условите за застареност.“
Минатата недела Советот на јавни обвинители ја констатираше оставката на Ленче Ристоска, поднесена од нејзина страна на втори април. Тогаш државниот јавен обвинител Ненад Савески по седницата, на заминување кусо рече дека предметите се распределени. Според Савески погрешно е да се поврзуваат предметите со лични решенија, посочи дека одлуката за оставката е на Ленче Ристоска. Таа поднесе оставка откако ѝ беа одземени предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои се однесуваа на финансиска злоупотреба на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и беа во завршна фаза. Но и откако Советот на ЈО ја одби нејзината иницијатива и утврди дека немало надворешно влијание врз работата на обвинителката, ниту е загрозен нејзиниот професионален интегритет.

