Службата за општи и заеднички работи под истрага на Антикорупција
Вработени наместо новинари. Владата преку МНР ја задолжила СОЗР преку туристичка агенција да обезбеди сместување и превоз на новинарите кои што ќе присуствуваат и известуваат на заедничката седницата помеѓу Владата на Македонија и Владата на Бугарија што се одржа во Бугарија 24 и 25 јануари 2022 година, а наместо тоа директорот на СОЗР Пеце Мирчевски на список ставил вработени од службата, а за патните налози тој самиот ставил потпис во улога на наредбодавател за исплата.
Според ДКСК упатени на службено патување биле 5 вработени од СОЗР како и директорот Пеце Мирчевски, а со цел извршување на работни задачи надвор од седиштето на Службата. Патувањето го реализирале со 3 службени возила од СОЗР. За петте вработени, од приложните патни налози пресметката за дневниците и трошоците било во висина од 20%, согласно уредбата за издатоци на службени патувања, а пресметката на директорот е во висина од 50% од дневницата согласно истата уредба. Од ДКСК велат дека Мирчевски ја злоупотребил својата положба и овластување и за други патувања во странство и користење службени возила за приватни цели.
Од Владата не упатија на соопштеие објавено на 23 мај, во кое се вели, дезинформација е дека вработени лица во Службата биле прикажани како новинари при посетата во Софија.
- Шестте вработени лица во СОЗР при посетата во Бугарија присуствуваа заради извршување на работните - организација и поддршка на активностите на нашата делегација, во која беа и медиумски претставници, на заедничката седница помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија.Оттука дезинформација е дека биле прикажани како новинари и за истите не е направен дополнителен трошок. - велат од СОЗР на Влада.
Владата во изминатиот период ја погодија низа корупциски скандали. Прво настрада тогашниот генерален секретар на владата Драги Рашковски кого обвинителството го терети за две постапки за набавки на софтвери коишто ги заштитил како иновации, а потоа беше приведен и неговиот наследник Мухамед Зекири за изигрување на тендерска постапка, а обвинителството минатата недела соопшти дека за Зекири е отворена уште една истрага за тендер за приватизација на железницата.