Случајот Михаилова стигнува до НАТО и ЕУ - Мицкоски најави механизми и разговори со меѓународните партнери

Детали од истрагата и околностите под кои Ива Михаилова ја напуштила земјава ќе бидат презентирани пред сојузниците во НАТО. Премиерот Христијан Мицкоски упати нови критики кон источниот сосед.

Според претседателот на македонската Влада, случајот  може да ѝ нанесе дипломатска штета на официјална Софија. Мицкоски е дециден дека земјава нема да се откаже од напорите случајот да добие правна разрешница и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.

Со критики се огласи и претседателот на СДСМ. Венко Филипче, од Брвеница, ги обвини министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и премиерот Христијан Мицкоски дека го договориле бегството на Михаилова.

Венко Филипче, претседател на СДСМ

„Погледнете што се случува овие денови во државата. Отиде Тимчо предавникот во Софија. Под радарот видовме што договориле. Ива Михаилова избега, ја пуштија под радарот. Панче ја пушти, границата му била ‘швајцарско сирење’. Па нели, Панче, ‘брат да ми е, ќе одговара’? Денеска никој не одговара“, рече Филипче од Брвеница.

 Михаилова ќе остане во болницата „Пирогов“ најмалку уште една недела. Според бугарските медиуми, таа е сместена на одделението за неврохирургија, каде што специјалисти вршат дијагностички прегледи за да го утврдат најсоодветниот третман. Информацијата ја објави „Бугарија денес“, повикувајќи се на нејзиниот адвокат Николај Димитров, кој потврдил за медиумот дека Михаилова и натаму е хоспитализирана.

Николај Димитров, адвокат на Ива Михаилова

„Ива Михаилова засега останува во болницата ‘Пирогов’ на дополнителни испитувања. Нема никаква основа Ива Михаилова да биде уапсена. Таа не е бегалец, не се крие и сите знаат дека е во ‘Пирогов’, вклучително и Министерството за внатрешни работи“, изјавил Димитров за весникот.

Инаку, Ива Михаилова е предмет на кривичен прогон од македонските власти во врска со сообраќајната несреќа што се случи на експресниот пат Кочани–Штип, во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши.