Случај суспендирање на обоистката Петрушевска
Синдикатот на култура го повика ресорното Министерство наместо да се дистанцира, да обезбеди почитување на законите и синдикланите права во случајот со обоистката Татијана Петрушевска, која го обвини директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски за незаконско и тенденциозно суспендирање од работа.
Синдикатот исто така му порача на директорот Арсовски дека суспензијата од работа треба да биде исклучителна и строго оправдана мерка.
Синдикат на култура
„Имајќи ја предвид надлежноста на Министерството за култура како орган што врши основачки и управен надзор над националните културни институции, СКРМ очекува Министерството внимателно да ги согледа сите аспекти на случајот и во рамки на своите законски овластувања, да обезбеди почитување на законите, колективните договори и уставно загарантираните синдикални права, а не со својата веќе утврдена формална ноншалантност и оддалеченост од суштината на проблемот да остава впечаток дека повредите на законите се третираат како административен детал, а не како прашање на принципи“.
Министерството за култура пак останува на ставот дека ќе го следи исходот исклучиво од аспект на законитост и процедурална исправност, но не и да интервенира надвор од утврдените процедури.
Министерство за култура и туризам
- Министерството ќе го следи исходот исклучиво од аспект на законитост и процедурална исправност, но нема да прејудицира вина ниту да преземе улога што не му припаѓа. Во однос на директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, Министерството не прифаќа тешки обвинувања како „самоволие“, „злоупотреба на функцијата“ или „институционален скандал“ без факти, документи и докази. Директорот е именуван во согласност со законска постапка и врз основа на професионални критериуми. Одржувањето на работната дисциплина, особено во уметнички колектив како оркестар или ансамбл, е дел од неговата законска и менаџерска одговорност“.
Петрушевска вчера изјави дека е неправедно суспендирана, но и дека била казнета со 50% од платата, поради конфликт со диригент кој бил гостин во НОБ. Директорот Арсовски пак ги отфрли обвинувањата.
Татијана Петрушевска
„Како уметник, 30 години безпрекорно ја извршувам својата работа. Но, во последната година јас и моите колеги сме изложени на тортура. Сето тоа кулминираше со забрана за мој влез во МОБ и со казна од 50 проценти намалување на платата во наредните шест месеци. Тоа е спротивно на процедурите и надвор од ингеренциите на директорот, кој сам не може да донесува такви одлуки.“
Оливер Арсовски – Директор на НОБ
„Во тек е дисциплинска постапка за дисциплински престап. Она, што е важно е дека постојат изјави од вработени, како и изјава од диригентот на претставата, врз основа на кои е донесен предлог за поведување на дисциплинска постапка за дисциплински престап, и решение за суспензија, согласно со одредбите од Законот за култура. А, во врска со наводите од Петрушевска дека не се водени постапки против неа, ќе наведам дека тоа не е точно, односно во повеќе наврати вработени од оркестарот барале заштита од нејзиното однесување.“
Од синдикатот порачуваат дека ќе продолжат да ги бранат работничките и синдикалните права и нема да дозволат ничија функција, суета или позиција да се издигне над законите и колективните договори.

