Случај „Обвинување за прислушкувања“- се уште без докази
Власта се обидува да го прикаже случајот со наводното следење и прислушкување како скандал, без да понуди конкретни докази или информации.
Екс министерката за одбрана Славјанка Петровска побара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност и свикување на Комисијата за надзор над Агенцијата.
Повикувајќи се на Законот за класифицирани инфоирмации, Петровска тврди дека од АНБ лажат кога велат дека за декласификација е потребна судска наредба или насока.
Премиерот Мицкоски контра Петровска. Само обвинителството е тоа што може да одлучи за декласификација на документите.
Во меѓувреме, разврската на случајот заглави, откако претседателот на собраниската комисија за надзор над Агенцијата Скендер Реџепи одби да свика седница, оти немал безбедносен сертификат. АНБ неодамна објави дека дел од нејзините вработени следеле политичари, новинари и бизнисмени, меѓу кои и сегашниот премиер Мицкоски. И тој и актуелниот директор Христовски на годишнината на АНБ ги потврдија овие информации, но нагласија дека документите се државна тајна.
Двајцата изразија очекување случајот да добие правна разрешница и одговорните да бидат казнети. Од Обвинителството за организиран криминал потврдија дека е во тек предистражна постапка, но без можност за повеќе детали поради тајност на постапката.

