Случај „Обвинувања на Кедев: Објавени имињата на членовите на интерната комисија
Лекари од државните и од приватните болници како и правници и економисти од Фондот за здравствено осигурување и министерството за здравство ќе бидат дел од интерната комисија што ја формираше министерот Азир Алиу за истражување на наводите дека во приватните болници се правеле медицински неоправдани операции на срце кај пациенти, само за профит.
Интерната комисија ќе ги анализира кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година, а прелиминарните податоци ќе ги предаде на Комисијата од странски експерти која потоа ќе треба да го утврди финалниот извештај.......
Министерство за здравство
„Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ и претставници од Министерство за здравство“.
Во меѓувреме Министерството за здравство побарало од државните болници да достават податоци за периодот од 2022 – 2025 година за сите извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки операции.
Од кабинетот на Министерот за здравство утринава соопштија дека Алиу остварил состанок со членовите на Комисијата на кој им порачал дека очекува обејктивен и независен процес.
Министерство за здравство
„Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството“, порача пред членовите на комисијата министерот Азир Алиу.
Алиу вчера оствари средба и со кардиологот Сашко Кедев, а средба остварил и со директорите на државните клиники за кардиологија и кардиохирургија. Мобилизацијата на здравствените власти доаѓа по изјавата на кардиологот Кедев дека приватни болници вршеле непотребни операции кај пациенти, само за профит. Од министерството велат дека во финална фаза е и формирањето на Комисијата од странски експерти, која како што велат ќе има увид во целосната медицинска документација и податоци на институциите.

