Случај црква во Галате

По инцидентот во гостиварско Галате, денеска во црковниот двор на Света Петка мирно. Без полиција и мештани, а ја немаше ниту градежната механизација која го расчистуваше дворот на запуштениот храм.

Реакциите се префрлија во општинските и партиските канцеларии. По вчерашниот молк денеска се огласи градоначалникот на Врапчиште Исен Шабани под чија општина припаѓа Галате. Тој по средбата која ја оствари со претставници на МПЦ кажа дека група на граѓани криминалци сакала да узурпира. 

Дел од мештаните на Галате за Телевизија 24 изјавија дека нема да дозволат уредување на црква стара со децении, да биде повод за меѓурелигиски тензии. Немало и нема да има омраза на било каква основа. Со обновата на храмот ќе продолжиме за време не викендите, се надеваме дека нема да имаме опструкции од општинската власт.  

Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека вакви слични инциденти ќе има и во иднина. Смета дека случајот има политичка позадина, алудирајќи на локалната власт односно градоначалникот на Општина Врапчиште кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците на Зијадин Села.

- Ако се земе предвид поддршката политичка во Врапчиште, но и полициската структура во СВР Гостивар, тоа е дел од оној фолклор да се сее етничка нетрпеливост, ваков тип на инциденти ќе има, затоа што не можеме ние како влада, имајќи ги во предвид последните промени во Законот за полиција, не може да се случат промените во раководните структури. Ќе мора за следните 2-3 месеци да се случи измена на тој Закон, и да има измена во тие раководни структури, за да можеме реално да ја имаме ситуацијата под контрола, рече Мицкоски.

Поранешниот министер за внатрешни Спасовски пак го осуди приведување на жители на Галате, посочувајќи дека на Македонија најмалку и се потребни меѓурелигиски инциденти.

Жителите од Галате викендов започнаа доброволна акција за уредување на просторот околу црковен храм. Активностите беа спречени од полицијата по налог на опшинскиот инспекторат. Имаше и апсење на мештаните откако се обидоа во општинската зграда да остварат средба со градоначалникот на Врапчиште.