Случај Бехтел и Енка: Цената расте на коридорите

Се уште не е почната изградбата, а цената на автопатите од коридорите 8 и 10 Д, веќе порасна...Државата треба да најде пари за да ги дислоцира електричните и телекомуникациските водови кои се наоѓаат на предвидената траса...Според новиот директор на јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, тоа не е работа на американско-турскиот изведувач, Бехтел и Енка, односно не влегува во рамки на предвидениот трошок од 1,3 милијарди евра, туку државата за тоа треба сама да се снајде...Роковите пак кои биле дадени за да се заврши оваа работа, веќе се пробиени...

„Претходната влада, значи поставиле рокови за експропријација и дислокација на електрични водови и телекомуникациски водови, кои што е надлежност на Република Македонија и не паѓаат под тие 1.3 милијарди, дале рокови да минатата година, 2023-та тоа биде завршено. Ако не ја решиме експропријацијата, тие не можат да влезат. Значи тие влегуваат откако ќе биде исчистено земјиштето , да биде експроприрано, исчистени каблите , дури и проектирањето е под надлежност на Република Македонија и не влегува во таа 1.3 милијарди.“

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ на 8 март минатата година потпиша договор со претходната Влада со кој се обврза до 2027 година да изгради четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10-д. Со договорот се опфатени автопатските делници на Коридорот 8, Требеништа – Струга – Ќафасан во должина од 22,5 километри, Гостивар – Букојчани, делница кој треба да биде долга 30,1 километар, Тетово – Гостивар  - над 17 километри и Прилеп – Битола, 40 километри, од Коридорот 10- д. 

Од владата неодамна порачаа дека иако коридорите 8 и 10 Д остануваат во фокусот, приоритет ќе се даде на пругата до Солун...Како што напомена министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, целта е на компаниите да им се овозможи железнички транспорт на стока од и до пристаништето во Солун кое е поблиску и за кое имаат пониски трошоци, а со реализацијата на овој проект, тие и дополнително ќе се намалат...