Словенците ги сакаат македонските работници - останува ли Македонија без работоспособно население?

Ќе замине ли и она малку работоспособно население што остана во земјава? Словенија на тридневен саем за вработување нуди работа со плата до 3.500 евра и бара повеќе од 15.000 работници, првенствено во здравствениот сектор, но и возачи на камиони и автобуси, готвачи, келнери, производствени работници, како и различни профили на работници во градежништвото и други дејности.

Велат, на годишно ниво Словенија има потреба од 150 илјади нови вработувања, а македонските работници се познати како добри професионалци и словенските работодавци ги карактеризираат како високо квалификувана работна сила.

Дека интересот за работа во Словенија е голем, а понудите примамливи потврдија и граѓаните кои ги затекнавме на саемот, но не сакаа да говорат јавно и зад камерата ни посочија дека причини за заминување има многу, но пред сè заради условите за работа и повисоките плати.

И додека Словенија пред “нос” ни ги зема и оние малку квалитетни кадри што останаа во земјава, македонското стопанство пак се соочува со недостиг од 10 илјади работници. Податоците на статистичарите покажуваат дека најмногу работници се потребни во услужните дејности, а во меѓувреме, во Агенцијата за вработување веќе се распишани 7.300 огласи, но како да се најде и како да се задржи добар работник е дилемата со која се соочува денешното стопанство.