Следува буџетска дупка од 2 милијарди евра и бран поскапувања, обвинува Филипче - Мицкоски одговара: Опозицијата манипулира

Граѓаните ги чека тешка година со нови поскапувања и раст на трошоците за живот, предупреди претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека 2026 ќе биде исклучително кризна. Тој посочи дека државата ќе се задолжи најмалку две милијарди евра за тековни трошоци, дека во Буџетот се намалуваат капиталните инвестиции и дека недостигаат околу 600 милиони евра приходи.

Според Филипче, заедно со долговите и неплатениот поврат на ДДВ, буџетската дупка достигнува до една милијарда евра, а енергетската криза и поскапувањето на струјата носат ризик од нов инфлаторен бран.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли тврдењата за економска криза, уверувајќи дека ликвидноста е обезбедена и дека враќањето на наследените долгови, за кои посдочи дека се направени во времето на СДСМ, нема да ја загрози стабилноста. Тој им порача на граѓаните и бизнисот да бидат спокојни, посочувајќи дека инфлацијата се намалува, инвестициите растат и дека приходите во буџетот се над очекувањата.

Пред неколку дена Регулаторната комисија за енергетика објави дека од 1 јануари цената на електричната енергија ќе се зголеми во сите четири блока на потрошувачка. Поскапувањето се движи од околу 2,5 проценти во првиот блок, до речиси 4 проценти во четвртиот блок, додека зголемување има и кај евтината тарифа, што дополнително ќе влијае врз месечните сметки на домаќинствата.