Следните неколку недели клучни за преговорите со официјална Софија
Foto

Следните неколку недели клучни за преговорите со официјална Софија

Македонија има временска рамка во сенка, до почетокот на следната година да ги стартува преговорите со ЕУ - во спротивно ќе чека до септември. Вакви се досегашните анализи кои прогнозираат дека малиот прозорец на можности кои македонската влада го има за решение со Бугарија, треба да го искористи во следните неколку недели.

Се прогнозира дека преговорите со Софија ќе се интензивираат, а датум треба да се очекува за време на француското претседавање со Унијата, но не покасно од крајот на февруари , поради изборите во Франција. Доколку земјата ја пропушти оваа шанса, ќе го чека следниот септемвриски воз во 2022 год.

„Со изјавите на претседателот Макрон и недвосмислената поддршка од сите, освен Бугарија, се разбира, мислам дека ќе имаме голема шанса да се започнат преговорите. Мислам дека лично Словенија ќе даде еден предлог, со тоа што тој предлог ќе биде прифатен , а да стапи на сила кога ќе се договориме со Бугарија и мислам дека со новата влада во Бугарија имаме големи шанси да напредуваме.“ - Агрон Буџаку екс амбасадор Франција.

Радев вчера остана со празни раце откако побара став од Харвардскиот двоец Петков – Василев за македонското прашање, а бугарски извори брифираат дека новата бугарска влада е далеку пофлексибилна и гледа во иднината , а не во минатото. Од друга страна, македонскиот премиер Заев , при најавата за оставка кажа дека останува на премиерското место се додека се реши спорот со Софија- што според познавачите е јасен сигнал дека набрзо треба да се очекува решение.

„Се работи за една глобална стратегија и политика за проширување на ЕУ, којашто пред се е дефинирана и се води од политиките на двете членки- носители на таквата политика, а тоа се Германија и Франција. Но во суштина имаме билатерален проблем и тој билатерален проблем, слично како што беше со Грција, треба билатерално да се реши. За тоа е потребна добра енергија, добар преговарчки тим и искрено и чесно пристапување кон проблемот. Од наша страна , на жалост, тоа не беше случај.“ - Горан Рафајловски екс амбасадор Германија.

Очекувањата на Скопје се дека проширувањето и Македонија нема да бидат на приоритетната листа на Макрон и Франција за време на нејзиното претседавање со Унијата, но тоа не значи дека нема да се работи зад сцената. Од друга страна дополнителен притисок на Унијата е и тоа што Тирана нема да биде вечно трпелива, па шансите треба да се искористат сега.

0 Коментари

Остави коментари