Следната недела треба да почне вакцинација против сезонски грип

Пријавувањето за вакцинација против грип е во тек, а имунизацијата ќе почне од следната недела – информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски. 

Први кои ќе се вакцинираат се лицата во старските домови, а приоритетните групи понатаму ќе ги утврдува комисијата за имунизација.  

И годинава мобилни медицински екипи ќе може да ги вакцинираат повозрасните и неподвижни лица во нивните домови – потврди министерот. 

Досега речиси 25.000 граѓани се пријавиле за бесплатна вакцина преку веб-страницата vakcinacija.mk. Од Министерството за здравство веќе информира дека првата пратка од 30.000 дози вакцини произведени од јужнокорејска компанија, веќе е обезбедена.

Станува збор за тривалентната вакцина, која е одобрена од Светската здравствена организација и ги исполнува строгите критериуми за квалитет. Првите вакцини се обезбедени преку заем во рамките на меѓународна соработка со УНИЦЕФ. Покрај оваа пратка, дополнителни 26.000 дози од францускиот производител „Санофи“ треба да пристигнат до 15 ноември, додека преговорите за преостанатите 24.000 дози се сè уште во тек.