Следната недела ќе се разгледува барањето на матурантите за намалување на материјалот за државната матура, најави Шаќири
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека следната недела ќе биде разгледано барањето на матурантите за намалување на материјалот за полагање на државната матура.
Додаде дека на средбата треба да се разгледаат законските регулативи, односно што дозволува Законот да се менува во овој момент по однос на барањето на матурантите, со оглед на тоа што испитите од државната матура се веќе закажани.
Вчера пред Министерството за образование и наука (МОН) група средношколци одржаа протест барајќи од надлежните да им биде скратен материјалот за полагање на државната матура, зашто, како што велат, во последните неколку години како генерација изгубиле многу од наставата поради пандемијата на ковид, но и поради новонастанатата ситуација со дојавите за бомби во училиштата.