Скоро еден месец од скандалот со физичко и психичко малтретирање на штитеници во два дома за стари лица во Скопје – истрагата се уште трае

Се уште трае истрагата за случајот со домовите за стари лица во Капиштец и Бутел кај кои беше детектирано нечовечко и сурово однесување кон згрижените лица. На првоосомничената сопственичката на домовите како и на 48 годишната директорка, пред неколку дена им е продолжен притворот за уште еден месец. Од Јавното обвинителство за телевизија 24, велат дека истрагата продолжува со прибирање на докази.

ОЈО: Истрагата се уште е во тек. Интензивно се преземаат дејствија и се вршат распити на лица. Се очекува и медицинското вештачење за состојбата на згрижените лица и наредените анализи. Со оглед на делото јавниот обвинител одлучи да бара продолжување на мерката притвор за осомничените. 

На двата домови веќе им се одземени дозволите за работа. Владата ја разгледува Информацијата од Министерството за труди и социјална политика и за одземање на  одобрение  за основање на Приватната установа за социјална заштита на стари лица. 

Од Министерството за труд и социјална политика за ТВ 24, информираа дека сите  згриженици се веќе сместени. Најголем број од нив се кај нивните семејства. 

Старите лица целосно се прифатени од страна на матичните семејства, од каде понатаму семејствата имаат право на склучување на управни договори со други установи за социјална заштита. Најголем број од старите лица се прифатени од страна на семејства, дел се сместени во други Приватни домови кои исполнуваат услови согласно пропишаните стандарди, додека едно лице е сместено во Јавната Установа за стари лица  „Зафир Сајто“ на подрачјето на Куманово. 

На сопственичката на домовите „Арија„ во Бутел и „Актив„ во Капиштец –  инспекциските служби на министерството минатата година веќе и изрекле опомена за несоодветна спецификација на оброци. 

Според наодите од досегашната истрага, осомничените на згрижениците им давале храна со поминат рок, по двајца спиеле во единечен кревет. Старите лице биле заклучувани во посебни простории, а на дел од нив им била давана терапија која не им била препишана од лекар.

Според регистарот на Министерството за социјална политика, во државава имаме 46 евидентирани приватни установи за згрижување на стари и изнемоштени лица. Во 2024 година, инспекциските служби издале 18 решенија со мерки за отстранување на констатирани неправилности во 16 приватни старски домови. Оваа година пак има констатирано неправилности само во една установа