Скопско обвинителство за ТВ 24: Обвинението е променето поради тоа што истрагата доведе до докази за друго дело
Од потешкото дело - проневера во службата, во полесното - злоупотреба на службената положба. Скопското јавно обвинителство вчера го смени правниот курс во истрагата за „Државна лотарија“ и поднесе обвинителен предлог против Артан Груби и уште седуммина.
Додека поранешниот вицепремиер беше во бегство, Обвинителството го гонеше за проневера во службата, но по завршувањето на истрагата сите осуммина ги обвини за злоупотреба на службената положба и овластување, што според запретената казна е полесно дело. Од Обвинителството велат дека конечната правна квалификација била утврдена откако биле анализирани доказите собрани во истрагата.
„Променето е поради сомненија дека е сторено тоа дело. Истрагата доведе до докази за друго дело. Јавниот обвинител не е обврзан со правната квалификација на поведената истрага или поднесената пријава. Обвинението се темели на доказите прибрани во текот на истрагата.“
Поранешниот министер за правда, а сега адвокат Туше Гошев вели дека законот му дава право на обвинителот по завршувањето на истрагата да ја утврди правната квалификација врз основа на собраните докази. Но, за него е симптоматично истрагата да почне за едно, а обвинението да заврши со друго кривично дело. Според Гошев, ваквата промена не е само прашање на правна формулација, туку може суштински да влијае врз натамошниот тек на постапката. Тој предупредува дека полесната квалификација отвора и прашања за роковите во кои може да се води постапката и за мерките со кои се обезбедува присуството на обвинетиот.
Обвинението беше поднесено вчера, само два дена откако во јавноста беше објавено дека, доколку обвинителот не ја заврши истрагата во законскиот рок, Артан Груби би можел да излезе од куќен притвор. Сега тој и уште седуммина на 24 август ќе седнат на обвинителна клупа. Груби повеќе од 14 месеци беше недостапен за органите на прогонот, а во февруари годинава беше уапсен при влез во земјава на граничниот премин Блаце. Обвинителството ги товари осумтемина, меѓу кои, покрај Груби, се уште и екс директорот на лотарија Перпарим Бајрамим кој е во бегство и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, затоа што во 2023 и 2024 година, со пречекорување на своите овластувања и должности во случајот со електронските игри на среќа, на „Државна лотарија“ ѝ нанеле штета од околу 8,2 милиони евра.

