Скопско Кале пред санација и отворање на праисторискиот и Музејот за османлискиот период
Скопско Кале ќе се возобнови, ќе биде функционално и ќе прерасне во значајна туристичка атракција, ќе следи финансиска и логистичка поддршка за уредување на тврдината.
Оваа најава доаѓа од Владата откако се доби зелено светло од Управата за заштита на културното наследство и Археолошкиот музеј на Македонија дека завршени се градежните работи и со одлука на Владата Археолошкиот музеј ги доби предметите прибавени при археолошките истражувања на Кале и сега работи на концептот што ќе биде презентирано во Музејот на праисторијата и во Музејот на осмалнискиот период.
Директорката на Управата Весела Частоева посочи дека оттука Управата продолжува со работа на Плаошник.
Весела Частоева-директорка на Управа за заштита на културното наследство
„Во моментот во Владата во завршна фаза е носење на одлука за прогласување на скопската тврдина Кале за културно наследство од особено значење, надлежностите ќе бидат поделени на Град Скопје и Археолошки Музеј. Музејот ќе стопанисува со два објекти Музеј на праисторија и Музеј на османлински период. Ќе го решат оној ентериерен дел и предметите за кои претходно спомнав дека ќе бидат изложени, за да можат да ја раскажат приказната што со години се случувало на Кале. Овие два објекти ќе бидат ставени во рамите на Европска престолнина на културата Скопје 2028.“
Од вторник Археолошкиот музеј со својот тим на терен започнува со ентериерно уредување и подготовка за конечно отворање и пуштање во употреба на двата музеи.
Магдалена Манаскова-директорка на Археолошки музеј на Македонија
„Идеен автор на концептот на двата музеја е долгогодишниот истражувач и раководител на археолошките истражувања на Скопската тврдина, проф. д-р Драги Митревски, автор на дизајнот на поставката е проф. д-р Јован Ивановски. Го креиравме и визуелниот идентитет на музеите, чиј идеен автор е проф. д-р Гордана Вренцовска.“
Археолошките истражувања кои биле започнати во 2007 година резултирале со откривање на повеќе од 5 000 предмети. Управата за заштита на културното наследство во 2024 година како инвеститор на проектот обезбедила осум милиони денари за реализација на активности. За тековно одржување, адаптација и санација на двата објекта преку распишан тендер, за изведувач била избрана компанијата „Нет Инвест“ од Теарце.

