Скопје со умерено ниво на аерозагаденост, прекинат прагот на алармирање во Струмица
Скопје во последниве неколку часови се симна од листата на топ 10 најзагадени градови во светот. Според листата на Ајкјуер Скопје се наоѓа на 39 место и вредноста на пм 10 честичките изнесува со вредност 36.
Министерството за животна средина информираа дека го прекинале алармот за загаденост во струмица.
„Согласно податоците на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух (ДАМСКАВ) од 9 јануари 2025 година, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 милиграми на метар кубен и епизодата од два последователни денови со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честичките е прекината во Струмица.“ - Министерство за животна средина.
Најзагадени градови во светот се Делхи во Индија, Каиро во Египет и Мумбаи исто во Индија. Во Европа, денеска Букурешт има најзагаден воздух и е на 16. место со вредност од 134 единици, далеку пред Милано во Италија кое е на 39. место и Киев на 41 место.
Загадениот воздух и отсуството на ефективни мерки кои би дале колку толку квалитетни резултати, повторно ги спротивстави двете најголеми партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, кои реално се најзаслужни за ваквата состојба.
Сдсм која до вчера беше на власт сега критикува и предлага сет мерки за намалување на аерозагадувањето со барање да се прифатат.
„Програмата да опфати субвенции за домаќинствата за замена на нееколошките системи за затоплување, како и за градинките, училиштата и јавните објекти да преминат на чисти технологии. Да се интензивираат инспекциски контроли врз потенцијалните извори на штетни емисии. Да се спроведат контроли на градилиштата и стопирање на градежни работи во градовите со зголемено загадување. Интензивни активности за поголема јавна чистота. Засилена контрола на техничката исправност на возилата. Работодавачите да ги ослободат од обврски бремените жени, постари лица и хронично болни во деновите со екстремно загадување. Да се направи реорганизација на работното време за работници на отворено. Да се воведе забрана за спортски и културни манифестации на отворено при високо ниво на загадување на воздухот.“ - Богданка Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги потсетија СДСМ за седумгодишното владеење и дека не направиле ништо за намалување на загадувањето на воздухот.
„Да направеа нешто, како што впрочем сега од опозиција тврдат, до сега веќе би ги почувствувале првите резултати и Скопје и другите македонски градови, со сигурност, немаше да бидат лидери на европските и светски листи по загаденост на воздухот. Во однос на борбата против загадувањето, СДС буквално ги преспаа седумте години на власт и сега за шест месеци очекуваат чуда да се случат и воздухот наеднаш да стане чист без штетните честички. Кога СДС предлагаат некои мерки добро е да се информираат, или барем да изгуглаат, па ќе видат дека тие мерки што ги предлагаат како итни, веќе се донесени и се имплементираат.“ - ВМРО-ДПМНЕ.
Планот на владата за намалување на аерозагадувањето на долг рок е гасификација а во меѓувреме тврдат дека институциите вршат контроли на терен за намалување на загаденоста.
Според последниот извештај на Светската банка, во Македонија годишно умираат скоро 3000 луѓе од здравствени компликации предизвикани од загадениот воздух. Лекарите им препорачуваат на граѓаните кога воздухот е загаден при излегување надвор да носат заштитна маска или шал.