Скопје пред сообраќаен колап или предизборни игранки со скопјани?
Град Скопје со обвинувања за „Пуцко Петрол“, оттаму децидни-ЈСП должи над 10 милиони евра, вчера автобусите на ЈСП останаа без гориво, денеска од независниот синдикат на ЈСП велат дека за следните денови ќе има доволно гориво, а првиот човек на ЈСП недостапен. Граѓаните во средина-има па нема автобуски превоз.
Велат дел од автобуските линии не сообраќаат воопшто, други пак возат ама со чекање на автобуските постојки и до еден час. ТВ 24 се обиде да добие одговор од директорот на ЈСП, Драги Кушовски, но тој не одговори на нашите повици, а до објавување на прилогот не добивме ниту официјален писмен став од ЈСП.
Африм Муча од Независниот синдикат на ЈСП вели дека за овие неколку дена нафта ќе има.
Африм Муча-независен синдикат на ЈСП
„Точно е дека вчера немавме нафта, но во попладневните часови добивме нафта во двете авто бази. Сообраќајот ќе се одвива нормално, сега за сега има нафта. Ако денеска и вчера сме добиле, јас мислам дека овие денови ќе имаме нафта.“
Од Град Скопје вчера писмено се огласија и рекоа дека ЈСП има активен договор за испорака на нафта од „Пуцко Петрол“, но Асмир Јахоски бидејќи бил соочен со обвиненија за затворска казна и оттаму наведуваат дека бил подложен на уцени, па ја прекинал испораката на нафта.
Град Скопје
„Иако има активен договор со ЈСП за испорака на нафта, Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“, соочен со обвиненија за затворска казна и подложен на уцени, иако има активен договор за испорака на нафта, ја прекина доставата.“
Сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски за ТВ 24 вели дека и покрај милионскиот долг на ЈСП кон фирмата, „Пуцко Петрол“ ќе го снабдува ЈСП со гориво.
Асмир Јахоски-сопстевник на „Пуцко Петрол“
„Пуцко Петрол“ е општествено одговорна компанија и се грижи за граѓаните и нема да дозволиме тие да останат без превоз, но ЈСП Скопје има долг кон „Пуцко Петрол“ од над 10 милиони евра, стари фактури над две години. Треба да се постави прашањето, зошто се блокирани сметките на ЈСП. Вработените на ЈСП имаат поднесено тужби против претпријатието, станува збор за над 300 тужби, затоа што истите не земале плата.“
Додека пак, Советот на Град Скопје засега нема закажано седница по оваа точка.

