Скопјани дишат екстремно загаден воздух повеќе од десет дена
Се поголем број на граѓани се жалат на здравствени проблеми поради аерозагадувањето, лекарите со зголемен број на интервенции, а владата вели потребно е време за резултати. Скопје помина уште една ноќ високо на листата на градови со енормно загадување. Апликацијата „Мој воздух“ синоќа покажа дека речиси во секоја општина во градот, воздухот беше загаден со високи концентрации на ПМ честички.
Во брзата помош дневно има и по стотина повици. Гушење, отежнато дишење, висок крвен притисок, ова се само дел од здравствените проблеми на кои се жалат граѓаните, а најранливи се лицата со хронични заболувања.
„Последнава недела дена има многу интервенции кај пациенти коишто се гушат, заради очигледно надворешните фактори кои влијаат, се горат разни отпадни материи кои не се прочистуваат, страдаат хронично болни, астматичари, тие што имаат проблем со ХОБС и тие што имаат восплание на белите дробови, така што сите ги погодува загадувањето“, вели Д-р Ѓорѓи Карамановски – Служба за итна медицинска помош-Скопје.
Зголемен број на повици регистрира и службата за итна медицинска помош во Струмица, каде деновиве исто така беа надминати границите на штетните ПМ честички во воздухот.
Министерката за животна средина вели дека анализите покажале дека 45% од загадувањето доаѓа од домаќинствата и јавните институции кои што користат нееколошки системи за греење, но за долгорочни резултати вели потребно е време.
„Секој граѓанин треба да придонесе во намалување на загадувањето на воздухот. Јас знам дека дрвата се користеле, се користат и ќе се користат, но да се користат на вистинскиот начин. Да се користат сува дрва за греење, да не се користат влажни. Да не се додаваат паркети, пластика, гума за да имате повеќе затоплување, а повеќе го загадуваме воздухот “, вели Каја Шукова.
Според податоците на министерството за животна средина, висока загаденост на воздухот денеска се регистрира во Скопје, Струмица, Берово, Кочани и Велес. И додека надлежните бараат време за конректни резулати, лекарите остануваат со стандардните препораки за заштита од високата загаденост - хронично болните да ја земаат редовно терапијата, да не се излегува од дома кога е најзагадено и да се носат заштитни маски.