Склучен договор за ЈПП на 96 години - ревизијата на ДЗР со низа забелешки за договорните јавноприватни партнерства
Милионски загуби поради недостатоци во законските и институционалните рамки,слабости и во процесите за доделување, надзор и спроведување на договорите. Државниот завод за ревизија по направените инспекции констатира дека реализацијата на договори за Јавно приватно партнерство не обезбедуваат ефикасни јавни услуги и подобрени инфраструктурни објекти.
Приближно 80% од договорите,биле склучени со единствениот најповолен понудувач што упатува на отсуство на конкуренција.Констатирана е и состојба на склучен договор за ЈПП со времетраење од 96 години, што е спротивно на законскиот лимит од најмногу 35 години.
Во тек се судски постапки во кои јавен партнер се јавува како тужена страна за долг од приближно 3,9 милиони евра. Утврдени се слабости и во самата содржина на склучените договори за ЈПП, што претставува можност од неисполнување на обврските на приватниот партнер а притоа нема услови за наплата на казнени пенали.
Утврдени се вкупно 68 договори за доделување на ЈПП, но поради несоодветно воспоставена евиденција постои ризик бројот да е над утврдениот.
„Со извршената ревизија опфатени се 25 постапки за ЈПП, при што од расположливите податоци утврдено е дека јавниот партнер наплатил надоместоци во износ од приближно 1,5 милиони евра, додека на приватниот партнер му платил приближно 3 милиони евра. Вкупното учеството на приватните партнери во овие договори изнесува приближно 37 милиони евра.“ - стои во ревизорскиот извештај на ДЗР.
Еден од договорите за ЈПП на кој ревизорите укажуваат е комплексот „Македонско село‘‘ за кој наведуваат дека ако во иднина не биде ставен во функција и редовно одржуван, постои ризик истиот да биде целосно оштетен од надворешни влијанија и човечки фактор.
„Инвестицијата на државата во Комплексот „Македонско село‘‘ од 293.961 илјади денари, не ги даде очекуваните резултати, поради што за изнаоѓање решение и негова употребна вредност во 2016 година се склучил договор за воспоставување на ЈПП. Сепак, договорот, кој бил склучен без доволни подготвителни активности и анализи, не обезбеди долгорочна соработка и економски придобивки, поради што беше раскинат од концесионерот во октомври 2018 година, поради економска неисплатливост.“ - дополнува извештајот.
Ревизорскиот извештај нотира и нереализирани договори меѓу Владата, Министерството за здравство и други економски партнери, како и меѓу останати институции на локално ниво низ целата држава за периодот од 2017 до 2024 год.