Скандал со камп за сексуално образование - родителите со пријави до МВР и ОЈО
Од понеделник сите инволвирани во скандалозниот извиднички камп ќе се повикуваат во МВР и ОЈО, вели за ТВ24 еден од родителите чие дете учествувало на извидничкиот камп со експлицитни и контроверзни сексуални активности. Родителот појаснува дека размислуваат со останатите родители чии деца биле учесници на кампот да се обратат и до Народниот правобранител. Посочува дека посегнал по обелоденување на секс-скандалот бидејќи сметал дека како родител не би можел да го сокрие настанот знаејќи дека и неговото дете учествувало на камп кој ќе има трауми по психофизичкиот развој на децата.
За случајот со контроверзниот извиднички камп се заинтересирал и Народниот правобранител кој за ТВ24 појаснува дека оформиле предмет во кој ќе го испитуваат корпусот на детски права до кој степен се прекршени. Народниот правобранител ги повикува родителите чии деца учествувале на кампот да се обратат до нив за помош.
„Ние сега ќе ги испитаме сите околности, што значи ќе ги прибавиме и документите околу тоа кој, како, дали бил овластен, со каква дозвола и така натаму. Кои се субјектите кои се инволвирани, а доколку има и заинтересирани родители на овие малолетни лица еве упатувам апел слободно да ни се обратат и по нивни иницијативи како претставки ќе ги процесуираме, и соодветно на тоа ќе се обратиме до надлежните органи за испитување на случајот и давање соодветни препораки за елиминирање на евентуалните повреди“ - вели Насер Зибери – народен правобранител.
За скандалозниот извиднички камп, преку соопштение, се огласија и од Сојузот на извидници на Македонија од појаснуваат дека привремено го суспендирале Првиот скопски извиднички одред од нивниот Сојуз, но и ги обвинија медиумите за непрофесионално известување.
„Бараме сите објави на темата да бидат засновани на проверени и релевантни информации за настанот, во согласност со одредбите од Кодексот за медиумска етика. Ова особено доколку се има предвид дека процесите за утврдување на фактите и евентуалната одговорност се во тек, додека известувањето базирано на непроверени, еднострани и шпекулативни информации“ - велат од Сојузот на извидници на Македонија.
Заради запазување на етичкото известување и за да не биде известувањето еднострано, ТВ24 побара од Сојузот наместо преку соопштение да застанат пред камера и да појаснат што точно се случило за време на кампот, но тие инсистираа на соопштение во кое ниту ги негираат, ниту ги потврдуваат сексуалните перверзии на кампот.
Во меѓувреме, Обвинителството во координација со МВР истражува што точно се случувало на кампот.