СЈО, ЈО и МВР го истражуваат објавувањето на новите „бомби“
Foto

СЈО, ЈО и МВР го истражуваат објавувањето на новите „бомби“

Обвинителството и МВР ги ставија под лупа новообјавените бомби објавени на анонимниот профил под псевдонимот „Илија Громовник“. Ќе истражуваат кој пушта прислушувани разговори на еден ден пред изборниот молк. Паралелно и СЈО проверува дали и кај нив ги поседуваат истите материјали. Но, премиерот беше побрз од нив и потврди дека тие разговори се дел од стариот пакет бомби кои во 2015 ги предале на СЈО. 

„Јас ги немам слушнато искрено кажано, сите разговори, малку ми стана и мачно после толку време. Тоа што го слушнав, да, е од делот што е предаден во пакетот во СЈО. Ова само потврдува дека ние сме добиле само дел од тоа што своевремено се правело како неовластено прислушување“ - изјави Зоран Заев, премиер.

За Мицкоски пак бомбите и тогаш и сега биле само воајерски материјал.

„Го предупредувавме и тогаш, јас во неколку наврати го предупредував за последиците кои што можат да се случат од ова негово воајерско реално шоу. И за жал денеска македонската јавност е сведок на овие случувања, а тоа се објавувања на нелегално стекнати материјали“ - изјави Мицкоски.

Од Обвинителството ќе проверуваат дали вчерашните нелагално снимени разговори се поврзани со бомбите кои пред неколку денови ги пушташе Љупчо Палевски на трибина во Прилеп, по што случај отвори прилепското Обвинителство.

Палевски пак во изјава за ТВ 24 вели дека тој не е Илија Громовник, и дека не ги пуштил бомбите. Тој само ги „шерувал“, односно ја пуштал нивната содржина откако некој друг веќе ги објавил. Пред две години при претрес во неговиот дом СЈО заплени илјадници бомби, а тој сега тврди дека нема прислушувани разговори.

„Не, јас шерувам и објавувам, а шерување на веќе објавени материјали е секојдневна работа. Не, не е мој профилот Илија Громовник. Во Прилеп на протест стримувавме  две од овие бомби  кои беа закачени на неколку сервиси. Најодговорно тврдам дека не поседувам прислушувани материјали“- вели Љупчо Палевски- Палчо.

Интересно е и тоа што разговорите се споделувани од анонимни фејсбук профили кои се залагаат за бојкот на изборите. На руската социјална мрежа „Ви-контакт” и на „Јутуб“ каналот се објавени шест нови прислушувани разговори. Насловени се како разговори за местење лустрација, договор за прес-конференција, грчки фирми, ЕЛЕМ, Комитети  и последниот именуван како „Емил Стојменов и Јово превара“.

Но, ова не е прв случај. И претходно од непознати профили и адреси беа пуштани прислушувани разговори, но до сега не е откриено кој ги објавува.

0 Коментари

Остави коментари