Сивата економија ја јаде формалната економија, потребна е сериозна борба

Секој десетти работник во земјава е нецелосно пријавен и освен на сметка, зема плата и во плико. Со тоа државата губи околу 250 милиони евра годишно. Повеќе од 20 отсто од сработеното е непријавено, покажува најновиот извештај на Фајнанс тинк за неформалната економија во земјава.

Најголеми прекршувања има во преработувачката индустрија, каде што една третина од сработеното не се пријавува. Не е за занемарување ниту градежништвото, кое учествува со нешто на 20 отсто од оваа непопуларна листа.

„Најголеми придонесувачи за непријавената работа се најмалите фирми, кои носат речиси 60 проценти од инпутот на непријавена работа. Иако најголемите фирми опфаќаат онолку работници колку и најмалите фирми, нивниот удел во инпутот на непријавената работа е половина од оној на најмалите фирми. На крај, иако придонесот на фирмите од средна големина за непријавената работа е најмал, нивниот придонес во однос на бруто додадената вредност (БДВ) е многу висок, што покажува дека непријавената работа е поттикната од високопродуктивни дејности.“

Но, не се затајувачи само работодавците. Според истражувањето, околу 158 милиони евра од приходите на домаќинствата во земјава не се пријавени. Дури 70 отсто од оние кои земаат кирија, не ја пријавуваат и не плаќаат данок за неа, со што државата годишно губи близу 5 милиони евра. Близу 8 отсто од оние кои се самовработени, работат на диво и делумно или воопшто не ги пријавуваат приходите, со што буџетот губи фантастични 42,3 милиони евра годишно. Авторите на истражувањето препорачуваат државата со различни методи, да се бори против различните прекршувања.

„Државниот инспекторат за труд би можел да ги фокусира своите инспекции на фирми и сектори кои имаат голем процент на работници ангажирани на непријавена работа, додека Управата за јавни приходи може да се фокусира на фирми и сектори кои имаат поголема загуба на бруто додадена вредност (БДВ). Пресекот на високиот процент на непријавени работници и високиот процент на БДВ може да биде основа за заеднички инспекции на двата инспекторати“.

Сивата економија е еден од најголемите непријатели на еконоскиот раст на земјава. Според проценките, таа зафаќа околу 40 проценти од вкупното стопанство. Досега сите влади носеа стратегии за сузбивање на сивата економија, но резултатите од нив се безначајни.