Системски слабости отвораат сомнеж за можна корупција при финансирањето на партиите
Постои системска слабост која што овозможува ризик од корупција по основ на донациите на правните и физичките лица кои ги уплатуваат на сметките на политичките патрии. Ова е став на новата претседателка на Државната комисија за спречивање на корупцијата Татјана Димитровска. Димитровска во интервју за Телевизија 24 вели дека тоа што Изборниот законик дозволува уплата на средства на трансакциската сметка на политичките партии и по објавувањето на конечните резултати од изборите предизвикува сомнеж за коруптивни зделки во иднина помеѓу донаторот и евентуалниуот победник на изборите.
„По објавување на конечните резултати од изборите е овозможено уплата на донации. Наша препорака и како претходно вреаботена во Државниот завод за ревизија и сега како претседател на комисијата е дека не смее да се дозволи уплата на донации по објавување на конечните резултати. Односно, потребно е истите да се уплатат до завршување на изборната кампања“, вели Татјана Димитровска претседателка на ДКСК.
Александар Новаковски кој е поранешен претседател на Државната изборна комисија за ТВ 24 вели дека на партиите им се остава можност да примаат донации на наменската сметка и до 30 дена по завршувањето на на кампањата се со цел, тој вакум да се искористи во случај ако има прегласување на изборите. Во тој случај, партиите имаат право да добиваат средства на трансакциската сметка, но доколку нема прегласување, во рок од 24 часа ќе мора да достават финансиски извештај до ДИК и сметката за донации да ја затворат.
„Според мене, ако се има во предвид кога ДИК ги објавува конечните резултатите а тоа е рокот од 24 часа по завршување на конечните резултати, тој извештај се доставува до собранието и сметам дека со оглед дека трансакциските сметки се затворени тие не може да прибираат средства во тој период од триесет дена. Ако имаме прегласување и ако учлесник е патијата или група на избирачи, кои имаат трансакциска сметка и кои учествуваат во повторување на изборите или прегласување, тогаш уште може да добиваат донации затоа што изборите не се конечни“, вели Александар Новаковски.
Еден од позвучните судски предмети за финансирање на политичка партија беше случајот Талир 1 а се однесуваше за наводно перење на 4,3 милиони евра преку кражба на лични податоци на членови на ВМРО-ДПМНЕ и на нивни роднини. Случајот започна во 2019 година но не доживеа разрешница, односно застаре.