Сириската армија ја заврши операцијата во Алепо, уапсени членови на СДФ
Сириската армија денеска објави дека целосно го завршила безбедносниот претрес во населбата Шеик Максуд во Алепо, на северот од земјата, додека истовремено биле уапсени неколку членови на Сириските демократски сили (СДФ).
Според сириските медиуми, повикувајќи се на воен извор, во населбата биле уапсени голем број членови на СДФ, а запленето е тешко и средно оружје, како и големи количини муниција, лесно оружје и импровизирани експлозивни направи.
Во соопштението на армијата се апелира до жителите на населбата Шеик Максуд да останат во своите домови поради наводното криење на членови на СДФ и Курдистанската работничка партија (ПКК), пренесува Ал Џезира.
Портпаролот на сириското Министерство за верски прашања, Ахмед Халак, објави дека министерството презело итни мерки за да им помогне на раселените лица во Алепо.
Во објава на социјалната мрежа „X“, тој изјави дека Дирекцијата за верски прашања во Алепо, во соработка со надлежните институции, отворила повеќе од 20 џамии и ги подготвила да примат повеќе од 400 раселени семејства, обезбедувајќи им сместување и основни потреби.
Пратеникот на САД за Сирија, Том Барак, изјави дека разговарал за најновите случувања во Сирија со јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади.
Барак изјави дека за време на разговорот била потврдена посветеноста за поддршка на напорите за прекин на огнот во Алепо и обезбедување мирно повлекување на силите на СДФ, како и продолжување на спроведувањето на мапата на патот за завршување на кризата во покраината Свеида, во јужна Сирија, со цел да се постигне стабилност.
Сириската армија претходно изјави дека ќе започне безбедносна операција за расчистување на курдските сили од населбата Шеик Максуда во Алепо, откако курдските групи го отфрлија барањето на сириската влада нивните борци да се повлечат од областа.
Официјалните лица изјавија дека армијата насилно ќе ја расчисти населбата Шеик Максуд, дел од Алепо што го држат курдските сили, откако прекинот на огнот во Алепо пропадна. Судирите се случуваат во услови на застој во политичките разговори меѓу Дамаск и СДФ, кои го контролираат североисточниот дел од земјата и претходно потпишаа договор за спојување со сириската армија во март 2025 година.

