Синоќа во Чаир ранет 31-годишен човек
31 годишен Скопјанец ранет по пукањето кое се случи вчера во скопски Чаир, на улицата Дижонска. Ранетиот веднаш е префрлен во ГОБ „Наум Охридски“, а напаѓачот е приведен. Случајот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи.
- Вчера во 21.50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во ГОБ „Наум Охридски“ бил донесен Д. Б. (31) од Скопје, кој се здобил со повреда од огнено оружје на територија на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. - велат од Министерство за внатрешни работи.
Засега надлежните не откриваат детали за случајот, а според неофицијални информации се работи за пресметка на криминални групи, ранетиот е син на сопственик на чајџилницата „Чаирчанка“. Директорт на ГОБ „Св. Наум Охридски“, во телефонски разговор, за Тв 24 вели дека ранетиот е во стабилна здравствена состојба.
- Лицето кое вчера беше пукано на територија на општина Чаир е во стабилна здравствена состојба. Во текот на ноќта беше опериран и е стабилизирана состојбата со повредите во предел на стомачната празнина. Во моментов пациентот се подготвува за уште една операција за повредата на ‘рбетниот столб. - изјави д-р Небојша Настов директор на ГОБ „Св. Наум Охридски“.
Од почетокот на месецов се случија неколку убиства, за кои министерството за внатрешни работи се' уште работи на расчистување на истите. Во меѓувреме се расчисти случајот со обидот за убиство на градоначалникот на Арачиново од април. Откриен е идентитетот на сторителот на кривичното дело и против него до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава за „убиство во обид”.
Последното пукање во Чаир беше причина за уште едно политичко препукување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ, обвинувајќи се за тоа која власт повеќе или помалку ги охрабрува напаѓачите и дали полициски службеници директно се вклучени во пресметките во подземјето.