Синдикатот со порака до премиерот - минималната плата да се зголеми
Во првите 100 дена од владата, не само да се разговара туку и да се дојде до решение минималната плата да достигне 450 евра, вели за Телевизија 24 претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. Добро е тоа што премиерот најави средба и на заедничка маса ќе седнат трите засегнати страни, работниците, работодавачите и владата и ќе почне дебата за достоинствен минималец, додава тој и вели времето е ограничено а работниците се изморени од ветувања. Трендафилов вели, Работниците имаат минимални барања за минимален пристоен живот.
„За жал работодавачите во приватниот сектор самите ја предизвикаа состојбата во која се наоѓаат денеска. Денеска за разлика од порано кога им велеа на работниците „ако ви се работи работи ако не ќе најдеме друг“ денеска немаат апсолутно никаков избор и самите ги качуваат платите. Сакам да потсетам дека во приватниот сектор многу малку работници работат за мининална плата. Работодавачите во приватниот сектор не сакаат да го платат делот од колачот за државата. Тие им даваат пари на работниците, дали на рака, дали во плико, и државата треба да се погрижи овие пари кои се црни да не ја подгрева сивата економија од страна на работодавачите во приватниот сектор“, вели Слободан Терендафилов претседател на ССМ.
Работодавачите веќе соопштија дека не се против зголемување на минималецот, и немаат проблем тој да се пресметива на годишно ниво според растот на трошоците на живот и зголемувањето на просечната плата. Но во моментов сметата дека финансиски нема да може да го издржат новото барање на ССМ, најмногу поради опасноста од урамноловка.
„Секое покачување на минимална плата надвор од овие предизвици предизвикува еден вид на урамноловка помеѓу неколку категории на работници и дестимулација на добрите работници“, вели Ангел Димитров од Организација на работодавачи.
Опозициската СДСМ во писмено соопштение денеска вели ВМРО ДПМНЕ не се грижи за работниците. И само лажно ветување имале во предизборието дека минималецот ќе го зголемат на 450 евра.
„ВМРО-ДПМНЕ воопшто не планира да владее преку поддршка на работниците и покачување на платите. Тие ќе продолжат онаму каде што застана во 2016, а тоа се политиките во интерес на крупниот капитал“, порачуваат од СДСМ.
Од владеачката партија за ТВ24 велат дека лидерот Мицкоски ќе има средба со синдикатот и работодавачите веднаш штом се врати од службеното патување во Америка. Додаваат дека износот од 450 евра не го ветиле во првите 100 дена, тоа е барање на синдикатот, но минималецот ќе расте согласно формулата за пресметка но и кондицијата во која се наоѓа државната каса. Мицкоски пред два дена посочи дека буџетот е во катастрофална состојба, но рече дека ќе им предложи на засегнатите страни да оценат дали има можност или не. Минималната плата во Македонија во моментов изнесува 22 500 денари. Оваа сума ја става земјава на дното по висината на минималецот во споредба со државите од регионот. Во Албанија минималецот е 385 евра, во Србија 430, во Црна Гора и Босна и Херцеговина 450 евра, во Хрватска 830 евра а во словенија 1230 евра.