Синдикатот обвинува министерот за одбрана ги прекршил законите, состојбата во армијата е влошена, МО демантира

Состојбата во Армијата е сериозно влошена поради незаконско постапување, обвинува претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, кој посочува и дека министерот за одбрана, Владо Мисајловски не донел законски предвиден план за војниците.

Дополнително, според Насковски, не се постапило по одлуки за дискриминација утврдени од надлежни институции, а тврди и дека над 2.000 војници не добиле трансформација на работниот однос. 

Синдикатот бара инспекциски надзор и најавува правни постапки. Проценетите казни се до 19.000 евра, со можност да достигнат и до 2 милиони евра.

Министерството во целост ја почитува законската и подзаконска регулатива, не само од областа на одбраната туку и останатата регулатива која важи за сите граѓани на нашата држава, демантираат од Одбрана. 

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА

- Согласно донесените планови за трансформација и роковите утврдени во истите, навремено се носат решенија за трансформација и истите пред датумот за трансформација се доставуваат до професионалните војници кои навршуваат 45 години.

Од одбрана додаваат и дека во меѓувреме со синдикалните претставници се отпочнати дејствија за решавање на статусот на професионалните војници со навршени 45 години старост.