Синдикатот на Македонска пошта ќе информира за состојбата на претпријатието
Македонска пошта на работ на егзистенција, доведени се во прашање 1 774 работници. Од Синдикатот порачаа дека ќе изготват систематизација и по изборите ќе ја достават на идната Влада, со што ќе треба да следи и соодветна примена.
Потпишување на нов Колективен договор и подобрување на условите се работа, се почетните и основните барања. Синдикалците веќе подготвуваат нови планови за отпочнување на штрајк, откако увидоа дека по барањата од минатиот месец на нивна адреса не пристигнле никакви одговори за состанок со Управен одбор и Влада.
„Најавуваме понатамошни активности во насока на организирање на протест, како и отпочнување постапка на штрајк. Во моментов се прават анкети и се информираат вработените, за поголемо учество во понатамошните активности во насока на работничките права. Бидејќи сега се изборите, имаме консултации и дополнително ќе одлучиме во кој период како ќе настапиме.“ - вели Боро Велигденов претседател на Синдикатот на Македонска пошта.
Од кабинетот на генералниот директор на Македонска пошта, велат дека заклучно со месец март оваа година на сите вработени им се исплатени платите, а веќе подолго време се соочуваат со проблеми во своето работење.
„Предизвикот да се реши ваквата состојба е заеднички интерес на сите засегнати страни. Како кориснички ориентирана компанија се трудиме да се соочиме со предизвиците кои се дел од секојдневното работење. Бидејќи во овој период се наоѓаме во изборен процес работните групи кои работат на изготвување на нова систематизација а во кои со свои претставници се вклучени двата репрезентативни синдикати својата работа ќе ја продолжат по изборите.“ - вели Идри Истрефи генерален директор на Македонски Пошти.
Вработените во Пошта пред еден месец излегоа на протест заради доцнењето на платите. Потенцираа дека доколку надлежните немаат слух, следен чекор е штрајк. Побараа и реформирање и реорганизирање на акционерското друштво.