Синдикатите бараат позначаен пораст на „минималецот“, бизнисот очекува повисока продуктивност на работникот
Сè поголем станува јазот меѓу платите. Додека земјите од регионот го зголемуваат минималецот, македонскиот работник е со минимална плата од околу 425 евра. Иако во земјава паралелно растат трошоците за живот, храната повторно поскапи, а од септември се повисоки и цените на горивата, сепак минималецот и понатаму останува ист и тешко ги покрива основните потреби. Од март, минималната нето-плата во Македонија изнесува 26.046 денари. Следно зголемување нема на повидок, бидејќи засега нема никаква најава ниту за седница на Економско-социјалниот совет ниту пак за повисок минималец.
Претседателката на “Гласен синдикат”, Кристина Ампева за 24 вели - македонскиот работник е потценет и покрај големата продуктивност, а платите не го следат неговиот придонес во економијата.
И граѓаните очекуваат минимална плата повисока од законското усогласување.
Најниски просечни плати под 30 илјади денари во моментов земаат вработените во текстилниот сектор, кожарско-чевларската индустрија, шумарството и заштитните компании. Според актуелната формула, минималната плата се усогласува со 50 отсто од растот на трошоците на живот и 50 отсто од растот на просечната плата.

