Синдикат на М-НАВ: Не ни треба помош од партиите, директорите да си дадат оставка
Не стивнуваат реакциите во врска со превирањата во М-НАВ откако и денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со т.н аферата „Паразити“ во која обвинуваат дека токму двајцата диртектори во М-НАВ земале месечно плата од 5 до 6 илјади евра.
Според пресметките на опозициската партија обичен граѓанин во земјата со минимална плата од 18 илјади денари ќе треба да работи 76 години за да заработи онолку колку што за 1 мандат од четири години би заработил еден од директорите на компанијата. Иако М-НАВ е акционерско друштво со сопствен буџет сепак од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека директорите се владини функционери.
Од Владата пак денеска во дописот велат:
- Владата има право да именува и разрешува членови на Надзорен одбор во М-НАВ, кој врши надзор над управувањето со Друштвото од страна на Управниот одбор. Исто така Надзорниот одбор ги именува и разрешува членовите на управниот одбор, како и други работи утврдени со Законот за трговски друштва и Статутот на Друштвото.
Во меѓувреме од синдикатот на М-Нав и денеска кратко во разговор за ТВ 24 посочија дека бараат оставки од директорите.
- Веќе подолг временски период бараме оставки од директорите. Партиските препукувања на оваа тема не ни се важни и апелираме партиите да се држат настрана од овој случај и да не собираат партиски поени.
дКСК пак веќе информираше дека доколку има елементи за отворање на предмет ќе отворат и будно ги следат случувањата. Но сепак ќе чекаат да видат каква ќе биде разврската.
Она што е познато е дека заменици на директори, началници, инструктори, експерти, раководители на сектори, вкупно 12 на број си поднеле оставки од надзорните комисии во кои биле назначени поради незадоволството од одлуките на тројцата директори да го одложат испраќањето на школување во Данска, на нови контролори на летање, кои веќе ги поминале сите филтри и сакале да го поништат огласот.