Синдикална кошница: Трошоците во мај зголемени за 1.217 денари, од ССМ бараат раст на платите
Поскапо се живее во мај отколку во април годинава - синдикалната кошница од месец во месец упорно се зголемува. Овој месец таа изнесува 63,908 денари и е зголемена за 1,217 денари во однос на април, а најмногу поскапеле храната и пијалоците и тоа за скоро 1000 денари, покажува новиот извештај на Сојузот на Синдикати на Македонија.
Минималната синдикална кошница е уште поголема доколку едно четиричлено семејство живее во изнајмен стан - комуналните трошоци и станарината, придонесуваат кон тоа синдикалната кошница да се искачи на 79,283 денари.
Од ССМ велат дека работниците соочени со високи цени, бараат раст на платите.
- Евидентно е дека без мерки цените неконтролирано се зголемуваат, а предизвикот со високите цени особено на основните прехрамбени производи прави огромен притисок врз ниските плати на работниците во Македонија. Во услови на зголемени трошоци за живот, зголемената вредност на Синдикалната минимална кошница особено по завршувањето на мерките на Владата упатува на тоа дека е потребен раст на платите.
Барањата на ССМ да се зголеми минималната плата на 30,000 денари а останатите за 1,000 денари, засега се без одговор. Владата останува на ставот дека за зголемување на минималната плата како и на останатите плати, треба да се договорат најпрвин синдикатите и работодавачите.