Сиљановска за Радев - Македонија ќе има со кого да разговара – очекувам конструктивен однос и средба
Македонија ќе има со кого да разговара – очекувам конструктивен однос и средба. Вака, шефицата на државата Сиљановска Давкова, во телефонски разговор, му ја честитала победата на парламентарните избори на Румен Радев - екс бугарскиот претседател и иден премиер.
Според Сиљановска, мнозинството и стабилноста во Бугарија, се важни за Македонија. Порача дека очекува организирање на средба со Радев.
– Се разбира, му пратив порака. А потем и ми се јави. Разговаравме. Му посакав успех, изразив уверување дека штом доби вака високо мнозинство, тоа е гаранција за стабилност. Мнозинството и стабилноста се и за нас важни, затоа што ќе имаме со кого да разговараме. Потенцирав дека за мене регионалниот пристап е важен , дека очекувам пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата за проширување. Очекувам се разбира организирање средба, изјави Сиљановска Давкова.
Човекот кој стави вето на македонските преговори со ЕУ е Мицкоски, порача Венко Филипче. Го обвини премиерот за антиевропски политики. Изјави, додека регионот оди напред, а ЕУ одобри формирање работна група за изготвување на пристапниот договор со Црна Гора, во земјата не се случуваат реформи и Македонија никој не ја спомнува.
– Тука ништо не се случува, нема реформи и не се прави чекорот кој е потребен за да ги почнеме преговорите со Европската Унија - да се отворат преговорите по поглавјата. Човекот кој што сега стави вето на пристапниот процес на Македонија во ЕУ, има име и презиме – Христијан Мицкоски Граѓаните и државата , тоа не го заслужуваат. Регионот оди напред , а нас повеќе никој не не спомнува, изјави Филипче.
Инаку, Мицкоски преку телефонски разговор, му ја честитал победата на Радев, веднаш по парламентарните избори. Изминатиот период, пак, пораките од Илинденска бр 2, беа дека се чека стабилна политичка влада во Бугарија за конструктивен дијалог и резултати.
Утре во Бугарија, треба да се објават имињата на избраните пратеници во 52 Народно Собрание. Следната недела се очекува Радев да го добие мандатот и да ја формира новата бугарска влада.

