Силјановска Давкова во СТУДИО 10: Уставните измени да го забрзуваа нашиот пат кон ЕУ, ние сега ќе претседававме со ЕУ
Што се однесува до внесувањето на Бугарите во Уставот, универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова во СТУДИО 10 на ТВ 24 вели дека таа иницијатива потекна оттука а не однадвор оти никогаш во европските извештаи не се споменува дека имаме проблем со правата на другите заедници.
-Зошто сега се инсистира на внесување на Бугарите во Уставот како конститутивен фактор? Далеку дека се работи за слободи и права туку ова е во функција на бугарската политика. Бугарскиот претседател Радев вели дека сме вештачка творба а дека Бугарија тука била присутна 1300 години. Зарем не побараа веднаш Бугарија како држава да учествува во измена на нашиот Устав. Па тие сами си кажаа дека ова е само почеток, во сите следни кластери тие ќе ставаат вето, вели Силјановска Давкова и потенцира дека бугарската идеја е релативизирање на идентитетот и културата на Македонците.
Таа потсетува дека државотворен е АСНОМ а тој се осврнува на народите кои живеат тука, а не на оние кои ги окупирале овие тритории.
- Оваа власт нема мандат за вакви уставни измени оти никоја партија не го понуди тоа во времето кога граѓаните излегоа на гласање. На следната предизборна кампања може да се дискутира ова и граѓаните да одлучат со својот глас по ова прашање, вели професорката и потенцира дека моќта во државата е кај народот.
Уставните измени да го забрзуваа нашиот пат кон ЕУ, ние сега ќе претседававме со ЕУ, вели Силјановска Давкова.
- Возот за ЕУ се фаќа со Копенхашките критериуми. Ние треба да градиме стратегии а стратегии се прават со консензус. Не ни треба понатамошно делење на народот. Експертите нека седнат да разговараат, нека забележат кои се недостатоците, па да се дискутира за промени, а не уставни измени да се прават под притисок, вели Силјановска Давкова.