Сиљановска-Давкова пред ОН: Македонскиот пат кон ЕУ е блокиран од субјективни причини

Од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека повеќе од 20 години Македонија се соочува со пречки на патот кон Европската Унија не поради копенхагенските критериуми, туку поради субјективни, националистички причини. 

–  Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Напоменуваме дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за устави измени. Конечно, со конститутивните акти ЕУ себеси се дефинира како „единство на различности“ и се обврзува да ги почитува „културната и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“. Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик?, праша претседателката Сиљановска – Давкова од говорницата на Генералното собрание на ОН.