Сиљановска-Давкова на средба со виолинистот Либек и пијанистката Апекишева: Музиката е најмоќниот и најрепрезентативен амбасадор на една земја
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими британските уметници, виолинистот Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева, кои вечерва ќе настапат на британската вечер, во рамки на 65. издание на Охридско лето. На средбата во вила Билјана во Охрид присуствуваа и директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски, како и Клер Сирс, директорка на Британскиот Совет.
Како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска - Давкова, истакнувајќи дека имаат чест прв пат да го посетат Охрид, уметниците ја информираа претседателката за нивното музичко образование, досегашните впечатоци од настапите ширум светот, како и за музичките проекти коишто им претстојат.
Катја Апекишева како солист дебитирала на 12 - годишна возраст. Денес, редовно настапува на фестивали за камерна музика ширум светот.
Џек Либек е професор по виолина на Кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика.

