Силен земјотрес во Јапонија

Десетици повредени лица, меѓу кои едно потешко, а стотици домаќинства се соочија со прекин во снабдувањето со електрична енергија  по вчерашниот силен земјотрес во североисточна Јапонија.

Поголемиот дел од повредите биле предизвикани од паѓање на предмети, соопшти Агенцијата за пожари и природни непогоди, додека локалните власти ја потврдија и појавата на цунами со бранови високи до 70 сантиметри, што дополнително ги загрижи жителите на пацифичкото крајбрежје.... 

Покрај материјалната штета и повредените, земјотресот предизвика и значајни прекини во инфраструктурата. Околу 800 домаќинства останале без струја, информира генералниот секретар , Минору Кихара. Тој додаде дека се вршат детални проверки во нуклеарните електрани во регионот, при што досега не се откриени неправилности. 

Минору Кихара, генерален секретар на Влада 

,,Се вршат детални проверки во сите делови, се проверуваат и нуклеарните електрани, никој не сака да се повтрои Фукушима“ вели Кихара.... 

Сообраќајот на брзите возови „Шинкасен“ привремено е запрен, а и неколку регионални железнички линии се надвор од функција, како мерка на претпазливост.... Јапонската влада соопшти дека проценката на штетите е во тек, а премиерката Санае Такаичи информира дека е формиран кризен штаб за брза и координирана реакција во засегнатите подрачја. 

Санае Такаичи, премиерка на Јапонија 

„Приоритет ни е заштитата на животите на луѓето и правиме сè што е во наша моќ“ рече Такаичи.

Метеоролозите предупредија и на можни силни секундарни потреси во следните денови, со малку зголемен ризик од земјотрес со магнитуда околу 8, како и нови цунами по североисточното крајбрежје....