Силен земјотрес ја погоди Индонезија, нема информации за повредени

Силен подморски земјотрес денеска ја погоди северната индонезиска провинција Ацех, но нема извештаи за големи штети или жртви, додека локалните власти изјавија дека нема закана од цунами.

Епицентарот на денешниот земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала бил на 40 километри југозападно од Меулабох, крајбрежен град во провинцијата Ацех, на длабочина од 49 километри, соопшти Американскиот геолошки институт.

Очевидци изјавија дека многу луѓе истрчале од своите домови и побегнале на повисоки места кога земјотресот се случил пред зори, но подоцна добиле пораки во кои се вели дека нема опасност од цунами.

Силен земјотрес во близина на брегот на Ацех во 2004 година предизвика големо цунами во кое загинаа 230.000 луѓе во десетина земји.