Штрајк во велешка „Колска“ - ги бараат заостанатите плати
Неброено многу вагони на Македонски железници биле поправени од велешанецот Васил Златанов. Тешката работа во велешка Колска оставила последици по неговото здравје. И кога, по 41 година поминати во оваа државна фирма, Златанов треба да се лекува, она што го двоел цел живот за здравствено осигурување, сега не може да го користи.
Сметката на Колска е блокирана. Вработените веќе три месеци немаат плата. Златанов е само еден од 87-те вработени, кои се и без пари и без здравство. Од денеска се во штрајк. Раскажуваат дека проблемите со кои со години се соочува оваа фирма, тројно го намалиле бројот на вработени, чија просечна возраст е преку 55 години. Неизвесноста им го уништува здравјето.
Колска е компанија која ги одржува вагоните на Македонски железници. Земаат плата кога добиваат работа. Но, долговите низ годините се трупале, па така, само за ДДВ, на УЈП и должи околу 1 милион евра. Тоа е пречка работниците да земат плата, оти парите за она што го сработиле во последните три месеци, сега ќе им ги земе државата.
Раководството на Колска досега успевало преку цесии да им исплати плата на работниците. Но, таа опција не е прифатлива за дел од нивните клиенти. Управителот Митко Јанков вели дека ниските цени по кои ги поправале вагоните на железници ги довело во ваква ситуација.
„Со поддршка на Владата како единствен сопственик на фабриката, корегирана е цената на извршената ревизија на вагоните, со што сметаме дека ќе можеме да ги плаќаме тековните обврски спрема УЈП и дел од останатиот долг“, рече Митко Јанков, управител на „Колска“.
Тие го молат УЈП да им излезе во пресрет и да им даде предлог за исплата на долгот на рати, кои Колска ќе може да ги поднесе. Работниците се на работ на егзистенција. Раскажуваат за трагичните судбини на нивни колеги, кои нервозите на работа ги платиле со живот. Најавија дека ако до утре не им се исплати плата, веќе во четврток ќе го блокираат железничкиот сообраќај, во надеж дека државата ќе се заинтересира за трајно решавање на проблемот на единствената фабрика во земјава која ги поправа железничките вагони.