Штрајк во државното правобранителство

Административниот и технички кадар на Државното правобранителство подготвува штрајк, дознава Телевизија 24. Вработените се жалат на игнорантски однос на претходната и сега на актуелната власт за барањето за додаток на плата.

За ТВ 24 велат дека ќе престанат да ги работат предметите за експропријација кои се долж трасите на предвидените автопати кои треба да ги гради американско турскиот конзорциум Бехтел и Енка. 

„Уште еден голем проблем имаме, што сега не е назначен Државен правобранител, немаме со кого да преговараме моментално колегите се состануваат и бараат претставник од владата или со директор на ЈПДП да може да седнеме и да ги образложиме нашите барања. Вработените во правобранителството се подготвени да прекинат со работа, и нема да ги работат оние предмети за експропријација за државно земјиште. Тоа значи ако не се најде решение за овој проблем би се прекинала и експропријацијата за автопатите кои треба да се градат на територија на Република Македонија.“ - Трпе Деаноски претседател на УПОЗ.

Телевизија 24 побара одговори од Јавното претпријатие за државни патишта, која е динамиката на експропријација на парцелите кои се наоѓаат на патните правци каде треба да се градат новите автопати, но одговор не добивме. 

Синдикалецот Деаноски вели дека станува збор за околу 300 вработени кои се распределени во повеќе градови низ државата, а нивните плати се движат од минимална до нешто под просечната плата.

Од УПОЗ велат дека добро ја знаат моменталната состојба, дека со ребалансот нема предвидено пари за вработените вио државното правобранителство, па затоа очекуваат писмена гаранција потпишана од властите дека со буџетот за следната година ќе добијат некакво зголемување на нивните плати.