Штрајк на новинарите во Грција

Новинарите во Грција започнаа 24-часовен штрајк преку кој бараат потпишување колективни договори и пристојни плати, а земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии.

Штрајкот е организиран од Грчката федерација на новинарски асоцијации во кој учествуваат сите новинарски здруженија, а главното барање на медиумските работници е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија...

Освен колективни договори, вработените во медиумите бараат и да се стави крај на индивидуалните договори за вработување; почетна плата од 1.250 евра во сите медиуми, зголемување на платите за 10 отсто врз основа на последните колективни договори за работа и загарантирана исплата за работа за време на викендите.