Штрајк и настава на првиот училишен ден – СОНК задоволен затоа што немало притисоци
Дел од основните и средните училишта не ги примија учениците, поради штрајкот на наставниците за повисоки плати. Наместо приредба и прием, на влезните врати во дел од училиштата имаше соопштенија дека првиот училшен ден се одложува за утре. Така беше во Основното Училиште „Браќа Миладиновци“, каде родителите и учениците наидоа на затворени врати.
Дел од родителите ги поддржуваат наставниците во нивните барања за повисоки плати, но сепак револтирани се што Министерството и Синдикатот до последен момент соопштуваа различни информации за стартот на учебната година.
„Неинформирани бевме, во петокот имаше едно соопштение денес гледаме друго соопштение - дека приемот ќе биде во вторник. Не е убаво што е прв школкси ден за децата. Ги поддржуваме наставниците, меѓутоа начинот на кој родителите беа известени не е во ред“
„Не е убаво, треба да се борат за плата не велам не, ама разочарани се децата“
„Можеа да најдат и друг метод за да го решат проблемот, а не на овој начин, затоа што и ние како родители отсуствуваме од работа, земавме слободен ден, а сега не враќаат“
Во друг дел од училиштата пак се одржа настава. Така беше во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Аеродром, кое го посетија министерот за образование и градоначалникот на општината. Директорот на ова училиште вели просторијата за штрајк останала празна. Наставниците во ова училиште ги примија учениците и министерот.
„Просторијата за штрајк е обезебдена, меѓутоа во моментов не гледам некој што е заинтересиран за штрајкот. Има многу многу мал број. Јас во тој дел воошто не се инволвирам и не сакам да се инволвирам. Ако е до мене никогаш не е доста. Наставата е започната тука“ - вели Перо Арсеновски - директор на О.У. „Лазо Ангеловски“.
Министерот за образование повтори дека Владата е посветена на подобрувањето на статусот на просветните работници. Адеми очекува дека до крајот на месецов ќе изнајдат решение со Синдикатот, но сепак не одговори конкретно дали барањата за покачување на платите за 25 насто, колку што бараат од СОНК се остварливи за Владата.
„Размислуваме сериозно и за тоа сме кажале и сме ветиле јавно дека продолжуваме со нашите напори за подобрување на статусот на сите вработени во образованието. До сега сме стигнале до 10,8 отсто и ќе продолжиме и понатаму“ - рече Арбер Адеми – министер за образование и наука.
Токму неконкрентните одговори од надлжените за тоа кога и колку ќе биде покачувањето на платите е причината поради која не може да се најде заедничко решение, велат од синдикатот за образование и наука. Претседателот, Јаким Неделков очекува до крајот на септември Министерството да ги прифати нивните барања. Во спротивно можно е да започнат и со генерален штрајк.
„Клучната препрека каде се сопнуваме сите овие изминати месеци е што немаме кон кретно понудување колку и од кога ќе биде покачувањето. Се разбира во месец септември мислам дека карите веќе ќе бидат отворени затоа што песочниот часовник одбројува, до крајот на септември ние мора да изнајдеме прифатливо решение во однос на ова прашање за заголемување на платите“ - порача Јаким Неделков – претседател на СОНК.
Поддршка на СОНК денеска даде и Синдикатот на Клинички центар од каде порачаа:
„Одговорна Влада која се стреми кон систем сличен на високоразвиените демократии, треба да го реализира своето ветување и програма и соодветно, а не со непристојни предлози да ги вреднува оние кои се одговорни за создавање на здрава и образована нација“.
Наставата од утре ќе се одвива нормално, велат од СОНК.
Инаку од оваа учебна година со одлука на Владата не се примаат невакцинирани деца во училиштата. Министерстовото за образование нема податоци дали и колку ученици не се примени поради вакциналниот картон.
Министерот Адеми вели дека податоците треба училиштата да ги достават до Државниот просветен инспекторат, а најави дека ќе има и теренска вакцинација.