Што со процесите за вработување започнати, а нереализирани до крај поради распишаните избори?
Огласи за 204 работни места во јавната администрација се објавени на само неколку дена пред распишувањето на локалните избори. Најмногу работници, вкупно 47, бара Министерството за економија и труд. На Македонски шуми му требаат 24 администратори, Министерството за образование бара 19 работници, а веднаш по него се Министерствата за односи меѓу заедниците со 12 и транспорт со огласи за 10 вработувања.
Ескпертите се скептични околу тајмингот на распишување на овие огласи. Дел од нив се објавени на 9 август, на денот на распишувањето на изборите, иако институциите знаат дека законот налага до крајот на изборот на градоначалници и советници, постапката по огласите да мирува. Сепак, експертите коментираат дека ова е своевиден суптилен притисок врз оние што аплицираат, да се држат за глас.
Телевизија 24 се обиде да провери кај дел од институциите кои објавиле огласи, дали навистина итно им се потребни овие вработувања и ако не се, зошто не почекале на нивно распишување по завршување на изборите. Сите се согласни во едно - огласите се според законот и програмата. Од министерството за односи меѓу заедниците, каде што се бараат тројца советници и девет помлади соработници, велат дека подолго време трае консолидацијата на институцијата и негираат била каква поврзаност на вработувањата со изборите.
- Постапката за екипирање со потребниот кадар е почната пред неколку месеци, откако лани, по смената на власта, министерството го затекнавме во лоша состојба. Тоа што огласите се објавени непосредно пред распишување на изборите е коинциденција.
Дел од институциите на кои се обративме, воопшто не се одзваа на нашите прашања.Од оние кои експресно одговорија беше министерот за спорт Борко Ристовски, во чие министерство, на ден пред распишувањето на изборите, е објавен оглас за Советник за протокол.
Телоп:
Огласот за Советник за протокол беше распишан согласно редовните законски процедури и потребите на Министерството, пред официјалното распишување на изборите. Со почетокот на изборниот процес, постапката е автоматски ставена во мирување, во согласност со Изборниот законик и нема да продолжи до завршување на изборите. Ова е нормална процедура, а ние сме транспарентни во сите сегменти од нашето работење. Ниту еден кандидат нема да биде изложен на било каков притисок. За нас е важно, по завршувањето на изборите, да го избереме најсоодветниот кандидат за оваа позиција, кој професионално ќе одговори на потребите на Министерството.
Од Министерството за јавна администрација велат дека вработувања има во текот на целата година според законски утврдени рокови и процедури, врз основа на проценетите потреби на институциите. Секоја институција сама одлучува кога постои реална потреба за пополнување на работно место, особено за стручни и дефицитарни кадри. Процесот се спроведува според годишните планови за вработување и со одобрение од Министерството за финансии, конкурсите за вработување се темелат на способност и знаење, а овозможен е фер и праведен процес за сите заинтересирани, велат од министерството.
- Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, повеќе пати ја истакна својата заложба дека јавната администрација треба и мора да биде сервис на граѓаните - независен, професионален и чесен. Тој активно се залага за деполитизирана и департизирана.

