Што нудат најголемите политички партии за секторот здравство во следниот период?
Foto

Што нудат најголемите политички партии за секторот здравство во следниот период?

Епидемијата со коронавирусот ги исфрли на површина проблемите и слабостите на здравствениот систем, но и докажа дека здравството е еден од најважните столбови на државата. 

Што нудат најголемите политички партии кои претендираат да дојдат на власт и како ќе го оправат овој сектор? 

Здравствен систем кој ќе биде ефикасен и достапен за секого – ова е визијата на ВМРО-ДПМНЕ ако дојде на власт овие избори. СДСМ пак ветува држава со европски здравствен систем посветен на потребите на граѓаните. 

За дел од младите лекари нема ништо суштински во изборната понуда, фокусот е во зголемување на платите, но нема суштинска понуда за реорганизација на здравствениот систем, велат од Aсоцијацијата на младите лекари и специјализанти. 

Медицинските сестри пак сметаат дека изостанале од фокусот во изборната понуда, додека пак од Самостојниот клинички синдикат велат дека програмите на двете најголеми политички партии се слични, а коментираат дека дел од проектите што се нудат се веќе и реализирани. 

Самостојниот синдикат на вработените во најголемиот Kлинички центар „Мајка Тереза“ бара да се донесе Закон за докторската дејност. Сметаат дека администрацијата во здравството треба да се изземе од останатата, а предложуваат и КОВИД 19 да стане професионално заболување за вработените во здравството.

Од синдикатот порачуваат дека фокусот мора да биде на човековите ресурси, односно инвестирањето во здравствените работници. 

„Бенифициран работен стаж за здравствените работници и соработници, годишниот одмор да се зголеми за 10 работни дена, да се донесе она што ни е многу битно да се донесе закон за докторска дејност кој ќе ја утврди основната нето плата онака како што е во предлог текстот од лекарската комора од 21.04.2016-та година, да се донесе закон за сетринската дејност и КОВИД 19 да стане професионално заболување за вработените во здравството“ - вели д-р Горан Беговиќ – претседател на Самостоен синдикат на Клинички Центар.

Младите лекари и специјализанти очекуваат да се надмине проблемот со хиперпродукција на кадар, бараат да се зајакнат критериумите за упис на Медицинскиот факултет како и да се подобри образованиот процес во делот на практицирањето на медицината. Во декларацијата која ја изготви асоцијацијата се бара и да се платат дежурствата, но и да се обезбеди непречена исплата на трошоците за одвоен живот.  

„Штета што не слушнавме квалитетна здравствена дебата, штета што претеставниците на власта и опозицијата не дебатираа за суштинските проблеми во здравството и како да се променат. Нам ни треба системска промена, не е само до платите или до новите објекти. Во тие нови објекти треба да работат лекари кои што ќе се ангажирани максимално и кои што ќе се задоволни и ќе сакаат да се дадат максимално себеси. Значи нам ни треба  еден систем што ќе е свртен кон пациентот но во кој што и лекарите ќе се задоволни бидејќи без задоволни лекари нема ни задоволни пациенти“ - рече д-р Божидар Кочовски – Асоцијација на млади лекари и специјализанти.

Медицинските сестри бараат закон кој што ќе ја регулира нивната професија, но бараат и да бидат вклучени во образовниот процес на овој кадар. Од Унијата на медицински сестри техничари и акушери предлагаат да има и претставник на медицинските сестри во Министерството за здравство со цел да бидат директно вклучени во креирањето на здравствените политики.

„Основно нешто е закон кој што  ќе ја регулира нашата професија и во формирањето на тој закон да бидеме вклучени ние бидејќи не може да се носат одлуки а никој нас да не не прашува“ - порача Гордана Бешлиоска – претседателка на Унија на медицински сестри, техничари и акушери. 

Клучни аспекти на програмата на ВМРО-ДПМНЕ се дигитализација на здравствениот и фармацевтскиот систем, формирање на тело на Националниот координатор за здравство кој ќе придонесе за оптимизација на здравствениот третман на пациентите како и модернизација и функционална интеграција на Клиничкиот центар и Градската општа болница „8 Септември“.

Прогрмата на СДСМ пак предвидува обезбедување на трипати повеќе специјализации, нов Клинички центар во Скопје, како и 33 милиони евра за одделенијата за интензивна нега. Се ветува и дека ќе се продолжи со вработувања во јавно-здравствените установи за да се јакнат капацитетите на здравствените установи.

0 Коментари

Остави коментари