Што може да очекува Македонија од посетата на фон дер Лајен?

Доаѓа ли Урсула фон дер Лајен да го измери европскиот пулс на земјата – шефицата на Европската Комисија следната недела на средба со Мицкоски, но не и со опозицијата?

На само три дена од локалните избори, во Скопје ќе слета претседателката на ЕК, како дел од турнејата низ регионот. Потврдена станица на фон дер Лаејн засега е само Илинденска бр2. Од опзоцијата велат дека до овој момент нема барање за тет а тет средба со лидерот на СДСМ. 

Иако агендата на фон дер Лајен засега е непозната, неофицијално посетата се очекува да биде кратка, ефективна, зад затворени врати, без медиуми и со директни пораки. 

Од владата за ТВ 24 порачуваат дека на масата меѓу Мицкоски - фон дер Лаејн, ќе се отворат картите за 3 прашања. 

Влада на Република Северна Македонија: Очекуваме официјалната посета да биде уште една конструктивна средба на која ќе се отворат прашања за евроинтегративниот пат, реформите и напредокот на државата.

Иако Фон дер Лајен доаѓа во пресрет на објавувањето на пакетот годишни извештаи за напредокот на земјите од проширувањето, фокусот во Македонија ќе бидат уставните измени и забрзувањето на патот кон ЕУ по изборите, велат експертите. 

– Фокусот ќе биде – кои се плановите на владата за понатаму, со оглед на најавите на премиерот, во однос на забрзување или одреден напредок после изборите. Владата во неколку наврати најави дека после изборите ќе се посвети на ова прашање, а со оглед на тоа дека изборите ќе завршат за еден месец, би било очекувано од многу чинители дека треба да се навратиме многу повеќе на евроинтеграцискиот процес, како политички така и на техничко ниво, вели Симонида Кацарска од Институт за европска политика (ЕПИ).

За предлогот на ЕУ, кој веќе отворено се дебатира - гласање со квалификувано мнозинство, наместо едногласност, експертите советуваат - Македонија да не се надева на формална одлука или напредок во преговорите со активна блокада од земја-членка.

– Не мислам дека треба да се надеваме на формална одлука дека ние ќе можеме да се движиме во преговорите или да напредуваме со активно противење на една држава членка. Мислам дека е нерационално тоа да го очекуваме, но од друга страна, ваквите предлози креираат поголем политички притисок врз државите кои што блокираат и би блокирале во иднина. И се навраќаат на некои добри практики кои Европската унија ги имала во однос на начинот на одлучување за 2004та, 2007ма проширувањето кога голем дел од билатералните прашања биле држани надвор од проширувањето, порачува Кацарска. 

И додека во државата предизборно активно се мерат политиките сили, временската рамка на опозицијата за црвените линии односно - спроведување на уставните измени до 10 февруари, коинцидира или не, со најавата на премиерот Мицкоски за придвижување на политичката линија Скопје - Софија.