Што ја покачи цената на белиот леб - моментална или ситуација што е неминовно да продолжи на долг рок?

За 10 отсто поскапе лебот на некои домашни производители. Векната бел леб која досега се продаваше по 29 денари, сега се нуди по нова цена од 32 денари. Наместо инфлацијата да се стабилизира, цените повторно растат и удираат по стандардот на граѓаните.

И додека од една страна ги поскапуваат своите производи, од друга страна, мелничарите велат дека состојбата брзо ќе се смири. Првиот човек на Групацијата на мелчничко пекарската индустрија Горан Малишиќ вели дека поскапувањето било очекувано, откако два месеци по ред расте цената на житото и брашното на светските берзи.

Сопствениците на малите пекарници со кои ТВ24 разговараше, велат дека не е само брашното поскапено, туку зголемени им се цените и на транспортот и енергијата, што им прави голем притисок да ги зголемат малопродажните цени на своите производи, ако сакаат да го задржат својот бизнис. Малишиќ објаснува дека кризата е предизвикана од новите правила на Европа и САД за купување руско жито.

Сега, и индустријата и граѓаните ја чекаат новата влада, од која очекуваат воведување мерки, за да го ублажи ценовниот шок. Дел од експертите предлагаат субвенционирање на цените на пченицата, но и воведување мерки за контрола на цените на основните животни потреби. Во екот на енергетската криза владата ги замрзна цените на основните прехранбени производи, меѓу кои беше и лебот.