Што го натера Трамп да даде 90 дневна пауза на новата царинска политика кон светот?!
Прво тврд став, а сега отстапка. Американскиот претседател Доналд Трамп објави 90-дневна пауза за новите царини кон повеќето земји. И Македонија е меѓу спасените. Тарифата од 33% што САД ѝ ја наметна на македонската стока веќе нема да важи барем до јули.
Наместо тоа, ќе се применува унифицирана царина од 10 отсто. Причината? Како што кажа Трамп „луѓето станаа нервозни“, а над 75 земји побарале преговори.
„Ние не сакаме да им наштетиме на земјите кои не треба да бидат повредени“
Македонската Влада веќе соопшти дека била во континуирана комуникација со САД. Премиерот Христијан Мицкоски вчера телефонски разговарал со американскиот секретар за трговија, Хауард Лутник. Во објавата на својот профил на Фејсбук, Мицкоски го опиша разговорот како потврда на блиската соработка со САД, особено во областа на економијата и регионалната стабилност.
„Во духот на блиското македонско-американско партнерство, потврдивме дека нашите односи се цврсти, пријателски и исполнети со заемна доверба, при што истакнав и дека стратешкото партнерство со САД е врвен приоритет за Владата. Ја нагласив важноста на американската поддршка за стабилен и просперитетен Балкан, а посебно за прашањата кои се од витално значење за економската соработка. Се согласивме да продолжиме да го развиваме стратешкото и економско партнерство помеѓу двете земји.“
Само неколку дена претходно, Трамп ѝ наметна на Македонија една од повисоките тарифни стапки 33 отсто, што предизвика загриженост кај извозниците. За разлика од Македонија, Кина останува под силен притисок. Трамп дополнително ја зголеми тарифата за кинеската стока на 125%. Пекинг одговори со нови одмазднички царини од 85%. Американскиот претседател вели дека царините се алатка за „враќање на фер услови“ во глобалната трговија.
Но аналитичарите предупредуваат, неговата стратегија предизвика тектонски пореметувања. Берзите прво се тресеа од паника, но по веста за паузата на тарифите следуваше историски пресврт. S&P 500 скокна за речиси 10%, а Nasdaq доживеа најдобар ден од 2001 година.
Но додека некои земји добиваат шанса за дијалог, ЕУ подготвуваше контраудар царини од 25% за американски производи, а Кина вели дека „САД прават грешка над грешките“. Светот внимателно следи. Следниот потег ќе биде или договор, или нова ескалација. Македонија, барем засега, избегна трговски удар. Но глобалната трговска војна сè уште не е завршена таа сега само влегува во ново, дипломатско поглавје.

