Штипскиот угостител Зарков на обвинителна клупа за убиство на неговата мајка

Само што започна и веднаш се одложи судскиот процес против 54 годишниот штипјанец Стојанче Зарков кој е обвинет дека на осми август годинава во својот семеен дом ја убил својата мајка.

На денешното прво рочиште обвинителката во штипското јавно обвинителство како дополнителен доказ го поднесе и вештачењето на ножот, на кој има траги од крв од убиената 84 годишна жена, но и на обвинетиот Зарков, кој пак на штипјани им е познат како поранешен угостител. 

По приложениот доказ од страна на обвинителството, одбраната побара пауза, со цел да го разгледаат истиот, а по кратката пауза обвинетиот побара подолг временски период од најмалку пет дена, за да може да го анализираат дополнителниот доказ.  

Иако обвинителството реагираше на ова барање од одбраната, сепак судијата Сашко Георгиев одлучи судењето да биде прекинато и следното рочиште го закажа за 11 декември, со почеток во 11 часот и 30 минути.

Инаку, кривичното дело убиство се случило рано утрото на осми август годинава во семејниот дом во Штип. Имено, осомничениот 54-годишник, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената мајка. Делото го извршил по претходна вербална расправија, под дејство на алкохол, но бил свесен за стореното. Откако со ловечки нож и нанел убодна рана во пределот на вратот од која жртвата искрварила до смрт, настанот самиот го пријавил на телефонскиот број за итни случаи. Од тогаш тој е во притвор во кумановскиот затвор.